Чесите закажаа дуел со Србија за петто место

Репрезентацијата на Чешка ја доби битката со Полска со конечни 94:84 и закажа дуел против Србија за петтото место на Мундобаскетот. Полјаците по овој пораз ќе се соочат со селекцијата на САД, во средба која ќе ја одреди седмата сила на ова Светско првенство.

Иако Полска многу подобро го отвори мечот и поведе до 15-6, Чесите се консолидираа и израмнија на 23-23 во воведните 10 минути. Пред финишот на полувремето, иницијативата на Чешка ги доведе до дотогаш најголема предност од +10 поени, разлика која подоцна им помогна да слават нова победа, иако нивниот противник упорно се обидуваше да се врати во резултатски егал.

Кошаркарите на Полска за момент видоа шанса за триумф при резултат од 79-78, меѓутоа во последните минути постигнаа само пет поени, додека Чешка реализира 13 поени, што беше доволно за нивна радост.

Дури тројца играчи на Чешка имаа 20+ поени, најмногу постигна Хрубан со својот дабл-дабл учинок од 24 поени и 12 скока. Саторански, исто така, запиша двоен учинок од 23 поени и 12 асистенции, додека 21 поен беа дело на Бохачик. Вачински беше најрасположен меѓу поразените со 22 поени.

Дуелите Чешка – Србија и САД – Полска за петто, односно седмо место се закажани за 14 септември.

- Оглас -

Најнови вести