Екипите на Барселона, Интер, ПСЖ и Реал Мадрид уште имаат шанси да освојат тројна круна (Лига на шампиони, домашно првенство и куп) и ова е прва ваква ситуација од 2019 наваму, во четвртфиналето на ЛШ да има дури четири кандидати за тројна круна.
Теоретски, може да се случи уште задутре да нема ниту еден тим во Европа со шанси за тројна круна, но минимални се шансите за такво лудо сценарио, а тешко и дека сите четири ќе останат во игра.
Барса е водечка во шпанската лига, на 26 април ќе игра во финалето на Купот на Шпанија против Реал Мадрид, а во ЛШ со една нога е во полуфиналето. Каталонците се најефикасен тим во Европа и веруваат дека може да ги освојат сите пехари до крајот на сезонава.
Интер е прв во италијанската лига, има добар резултат од првиот дуел против Баерн кој го доближува до полуфинале на ЛШ, а во Купот на Италија е во полуфиналето и му претстојат уште два меча до освојување на тој трофеј.
Парижаните веќе ја обезбедија титулата во француската лига, големи фаворити се против Ремс за победа во финалето на Купот, а во ЛШ победија со 3-1 против Астон вила и имаат добра шанса да дојдат до полуфиналето.
Реал Мадрид во својата пребогата историја никогаш не освоил тројна круна, а како што стојат работите, нема да успее ни сезонава. Ќе има пеколно тешка задача против Арсенал да надомести минус од три гола разлика во четвртфиналето на ЛШ, во шпанската лига е втор зад Барса со четири бода негатива, а во купот е финалист и треба да игра против најлутиот ривал.