Поранешниот италијански репрезентативец Чиро Имобиле му e понуден на Милан, јавуваат медиумите на Апенините. Напаѓачот, кој моментално е дел од турскиот Бешикташ, има силна желба да се врати во Серија А и ги поттикнал своите агенти да стапат во контакт со неколку клубови.
Имобиле, освојувач на Златната копачка за сезоната 2019/20, смета дека неговото време во Истанбул завршило и сака повторно да облече дрес на клуб од Серија А.
Освен со Милан, неговите претставници веќе се обратиле и до Фиорентина, но клубот од Тоскана моментно се фокусира на задржување на Мојзе Кин и е во напредни разговори со Един Џеко, поради што ја одбил можноста да го ангажира Имобиле.
Раководството на Милан сè уште нема донесено одлука дали ќе тргне по 35-годишниот напаѓач, кој минатата сезона постигна 15 гола и запиша четири асистенции во 30 натпревари за Бешикташ во турската Суперлига. Се очекува дополнителен разговор на оваа тема и со новиот тренер Масимилијано Алегри.
Росонерите ќе ја разгледаат опцијата и од стратешки аспект – дали има смисла да се доведе уште еден искусен фудбалер имајќи предвид дека клубот веќе работи на трансферите на Лука Модриќ и на Гранит Џака.