Потрагата по селектор кој ќе им ја донесе титулата светски шампион ги натера Бразилците да направат очајнички потег и да размислуваат за ангажирање на човекот кој им го нанесе најболниот пораз во историјата, Јоаким Лев.
Весникот „Билд“ пишува дека челниците на Фудбалската федерација на Бразил веќе започнале преговори со Лев, кој две години е без ангажман откако си замина од клупата на Германија по елиминацијата во осминафиналето од Англија на Европското првенство што се одржа во 2021 година.
Лев беше селектор на Германија кога во 2014 година во Бело Хоризонте, Кариоките во полуфиналето беа декласирани со неверојатни 1:7. Германија потоа во финалето ја совлада Аргентина и по четврти пат стана светски шампион.
Бразил е без селектор откако Тите си поднесе оставка по поразот на Кариоките во четвртфиналето на Светското првенство во Катар, и тоа од Хрватска по подобро изведување на пенали.