Човекот кој го направи најголемото изненадување во историјата на ЛШ, сега открива како се одвива војната во Украина

Колку животот може да биде непредвидлив, најдобро на своја кожа почувствува украинскиот тренер Јуриј Вернидуб. Пред помалку од половина година, Вернидуб како тренер на Шериф Тираспољ гостуваше во Мадрид на Реал, во групната фаза од Лигата на шампионите.

Молдавскиот првак кој беше дебитант во Лигата на шампионите, како голем аутсајдер пристигна на „Сантијаго Бернабеу“, но на крајот гостите си заминаа со победа од 2:1. Вернидуб едноставно го надмудри легендарниот Карло Анчелоти, па Шериф, во чии редови беше и македонскиот репрезентативец Бобан Николов, победи. Овој триумф подоцна беше прогласен како најголемо изненадување во историјата на елитното натпреварување на УЕФА.

Вернидуб, кој е роден во украинскиот град Житомир, пред неколку дена реши дека има многу поголем предизвик од фудбалското надмудрување. Замина во татковината за да ја брани Украина од руските сили.

„Во 4:30 наутро на 24 февруари ми се јави синот и ме извести дека Русија почнала со напади. Уште тогаш знаев дека ќе се вратам во Украина и ќе се борам. Ми требаа 11 часа да стигнам од Тираспољ до својот дом. Кога се вратив, видов многу силни мажи како едноставно си заминуваат од земјата. Ќе бидам среќен ако тие се вратат. Разбирам дека заминаа со своите семејства во други земји, но кога ги видов како си одат, сфатив дека јас не смеам да го направам тоа“, вели Вернидуб ,кој веднаш по враќањето во Украина ја облече воената униформа.

Како млад, Вернидуб повеќе од две години служел војска и вели дека никогаш не се плашел да тргне во војна.

„Две години учевме теорија, а потоа ни дадоа да ракуваме со оружје. Тоа беше многу одамна, но, сепак, знам како да користам оружје. Овде е лудо во позитивна смисла. Има момци со различни карактери, но сите се мотивирани и со една цел, а тоа е одбрана на татковината. Не смеам да откривам која е мојата улога во војската, но во секој момент сме подготвени да одиме таму каде што ќе треба. Не се сомневам дека Украина ќе победи во оваа војна. Оваа трагедија ја обедини целата земја. Мислам дека е невозможно да ги исполниме барањата на Русија“, вели Вернидуб, кој на крајот заклучи дека Украина ќе победи и тој потоа ќе се врати на омилената работа во животот, а тоа е фудбалот.

- Оглас -

Најнови вести