Ендрју Робертсон е фудбалерот кој само потврдува дека сонот може да стане јаве, но за тоа да се случи, потребно е многу работа, жртвување и никако не смее да има откажување. Левиот бек веќе втора сезона е незаменлив во стартниот тим на Ливерпул, а е дел и од репрезентацијата на Шкотска.
Кариерата на Робертсон е вистински пример како некој што има сон да постигне нешто – не смее да се откаже. Во 2012 година, тогаш 18-годишниот Ендрју поради немање доволно пари, решава преку социјалните мрежи да побара каква било работа само за да има пари.
Тинејџерот кој во младинските категории го носеше дресот на Квинс парк, добива шанса во првиот тим на четвртолигашот во Шкотска и одигра 34 меча. Неговите добри игри ги забележуваат од тимот на Данди, каде што прави трансфер и веќе во 2014 година Робертсон е дел од најдобрата лига во Шкотска.
По една година помината во Данди, се сели во Англија, и тоа во тимот на Хал за деби во Премиер лигата. Во првата година со Хал испаѓа од елитата, но една година подоцна се враќа повторно меѓу најдобрите во Англија. За Хал одигра 115 средби во кои даде 5 гола.
Неговата константност ја забележаа од Ливерпул, па во јули 2017 година, за сума од 8 милиони фнути прави трансфер на „Енфилд роуд“, а малку подоцна ја добива и капитенската лента во шкотската репрезентација. Со Ливерпул играше во финалето на Лигата на шампионите во поразот од Реал Мадрид минатата година, но тоа не го поколеба да продолжи да биде уште подобар.
За Робертсон, кулминација на кариерата му е 2019 година, кога со Ливерпул се радуваше на титулите во Лигата на шампионите, Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство. Едноставно, момчето кое во 2012 година бараше каква било работа за да заработи некоја пара, сега е незаменлив дел од шампионскиот тим на Ливерпул.