Чудна е статистиката за гостувањата на Барселона

Во последниве две недели, Барселона одигра три меча во домашното првенство и не победи ниеднаш. Со две нерешени и еден пораз, Каталонците покажуваат дека се во мини резултатска криза, која се надеваат дека ќе ја прекинат вечерва, и тоа на гости кај Тотенхем, во Лигата на шампиони.

Капитенот на Барселона, Лионел Меси, потенцираше дека мора да се подобри играта во одбраната и да не се дозволи толку многу да се тресе мрежата на шпанскиот првак. Гостувањето кај Тотенхем доаѓа во момент кој може да биде пресврт во резултатите на клубот кој секогаш се бори за трофејот во елитното европско натпреварување.

Барселона речиси секогаш поминувала добро кога гостувала во Англија. Досега има 11 меча на англиско тло и може да се пофали со осум победи, две нерешени и само еден пораз. Тоа треба да донесе сигурност пред вечерашната средба против Тотенхем.

Сепак, една друга статистика покажува дека Барселона во последно време игра слабо надвор од „Камп ноу“. На последните седум гостувања во ЛШ, Каталонците имаат само една победа, три нерешени и три порази. Ако се гледа овој дел од статистиката, многу веројатно е да продолжи низата без победа на една од најдобрите европски екипи.

Токму поради сите овие факти и податоци, дуелот кој вечерва од 21 часот ќе се игра во Лондон, ќе биде еден од најнеизвесните и најнепредвидливи за типување.

 

 

- Оглас -

Најнови вести