Кошаркарите на МЗТ Скопје во моментов се во Босна и Херцеговина, каде што вечерва ќе го играат одлучувачкиот меч против Широки Брег во втората Јадранска лига, но на домашна сцена ќе се одиграат натпреварите од 18-тото првенствено коло.
Според распоредот, ова коло треба да се одигра и дерби-дуелот помеѓу ТФТ и МЗТ Скопје, кој ќе одлучува за првото место на табелата, со оглед на тоа дека и двете екипи имаат ист ефект – по 16 победи и еден пораз.
Натпреварот, разбирливо, е одложен за во петок од 18 часот, и тоа во салата „НБ Ноел“ во Негорски Бањи, во близина на Гевгелија. Според најавата која е објавена на официјалната веб-страница на КФМ, домаќинот на средбата, екипата на ТФТ, донела таква одлука, а тоа било прифатено и од страна на актуелниот шампион на Македонија.
„Домаќинот на дербито, екипата на ТФТ, во договор со гостинската екипа, одлучи дуелот кој може да донесе и евентуална промена на изгледот на табелата, да се игра на 13 март (петок), во спортскиот центар ‘НБ Ноел’ во Гевгелија, со почеток од 18 часот“, се вели во дел од најавата за колото на официјалниот сајт на Кошаркарската федерација на Македонија.

