Ракометната репрезентација на Хрватска нема шанса да игра полуфинале на Европското првенство во Германија, па сега тимот може да се фокусира на барање начин како да дојде до поповолна ситуација во квалификациите за олимпискиот турнир во Париз летово.
Пресметките велат дека Хрватите се во чудна ситуација, утре против Германија повеќе им одговара пораз отколку победа за да имаат поголеми шанси да се најдат во мартовските квалификации за ЛОИ во Париз.
На олимпискиот турнир ќе играат 12 тима, а гарантирано место имаат домаќинот (Франција) и светскиот првак (Данска).
Место во квалификациите ќе има и за Шпанија, Шведска, Германија, Норвешка, Египет и Унгарија (беа од трето до осмо место на Светско првенство), а ако некој од нив обезбеди место на ЛОИ преку континентално првенство, се отвора место и за Хрватска, која беше деветта на СП.
Хрватска ќе игра квалификации и ако на ЕП во Германија во финале играат Данска и Франција, а трета биде Шведска, Германија, Норвешка или Унгарија. Затоа на Хрватите им треба пораз од Германија за Германците да бидат полуфиналисти. Не само тоа, така Хрватите би се нашле и во полесна група (можна е група со Шпанија, Бразил и Бахреин, а од четирите тима два ќе играат на ЛОИ).