Репрезентацијата на Италија и дефинитивно остана без пласман на Светското првенство во Катар, откако официјални лица од ФИФА демантираа дека постои опција Аѕурите да добијат покана за настап на Мундијалот во Катар на местото на Иран.
Иранците во квалификациите за СП го победија Либан и се пласираа на планетарниот собир, но на тој меч беше забележан еден необичен инцидент. Повеќе од 2.000 жени со уредно купени билети не добиле можност да влезат на стадион во Масхад, еден од најрилигиозните градови во Иран.
Поради непочитување на женските права, се сомневаше дека ФИФА може да го суспендира Иран од СП, но тоа нема да се случи. Дури и да се случи, секако Италија нема да биде дел од Мундијаот во Катар, туку тоа место би го зеземала селекција од Азија.
„Никогаш не се разгледувала опцијата за суспензија на Иран. Дури и да го направивме тоа, на СП ќе беше некоја друга азиска земја. Утопија е Италија да биде дел од Мундијалот во Катар“, изјави членката на ФИФА советот, Евелина Кристилин.
Италија на домашен терен загуби од Македонија во полуфиналето од баражот за пласман во Катар. Ова е второ СП во низа на кое Италија нема да биде учесник. Последен пат тие биле дел од СП во Бразил во 2014 година, а наредната шанса ќе ја бараат на планетарниот собир во 2026 година.