Чурлинов со Штутгарт влезе во Бундеслигата, Марио Гомес се прости со гол (Фото)

Штутгарт се враќа во Бундеслигата, а со оглед на тоа дека нивен член е и младиот Дарко Чурлинов, во следната сезона во Бундеслигата која е една од петте најсилни лиги во Европа, ќе игра Македонец, нешто што не беше случај последниве години.

Штутгарт денеска на свој терен загуби од Дармштад со 1-3, но и тоа беше доволно да го задржат второто место, бидејќи третопласираниот Хајденхајм, беше поразен од лидерот Арминија со 0-3, па Швабите останаа втори, додека Хајденхајм ќе мора да игра бараж против Вердер за место во елитата. Најголем губитник е Хамбургер, на кој му требаше бод или три за да го освои третото место, но беа декласирани дома од Зандхаузен со 1-5.

Чурлинов на денешниот меч влезе во игра во 40-тата минута, а само две минути подоцна Марио Гомес даде гол за 1-1. Легендата Гомес го одигра својот последен меч во кариерата.

Иако немаше публика, сите присутни на стадионот во Штутгарт му аплаудираа на Гомес кога излезе од игра во 82-ра минута, и со тоа ја заврши играчката кариера.

 

 

- Оглас -

Најнови вести