Мартин Хинтерегер со два гола во период од 180 секунди го здрма Баерн и намали на 3:2, а дефанзивецот на Ајнтрахт забележа и несекојдневен рекорд.
Со денешните два прецизни удари има 8 гола во Бундеслигата, најмногу од сите дефанзивци и во Германија и во Топ-5 лигите во Европа, а чудото се случува секога по изведен корнер.
Австриецот сите 8 гола сезонава ги постигна по нафрлени топки од аголот, односно од корнер што е уникатно постигнување. Против Баерн во 52. минута намали на 3:1 со удар со нога, а три минути подоцна погоди и со глава.
Баерн сепак не дозволува посериозна закана по водството од 3:0, па на головите на Хинтерегер, одговори со погодоци на Дејвис и на Гнабри и зголеми на 5:2 во последниот саботен меч од 27. коло во Бундеслигата.