Дајте ѝ повеќе респект на Астон вила – Цели 90 години немала беспрекорен старт

Ретко кој очекуваше дека токму Астон вила ќе забележи беспрекорен старт на сезоната по четири одиграни натпревари во Премиер лигата. Тимот кој го предводи Дин Смит вчера го совлада Лестер во финишот од средбата со помош на Рос Баркли и стигна до 12 бода, со кои застана на второто место на табелата зад Евертон.

Астон вила ваков старт на сезоната не памети цели 90 години, поточно од сезоната 1930/31. Тогаш исто така Вила триумфираше во првите четири натпревари, а сезоната ја заврши како вицепрвак на Англија.

За да биде серијата поимпресивна, една од победите беше остварена против актуелниот шампион Ливерпул, она фамозно демолирање од 7-2 пред помалку од три недели. Тие два примени гола се единствени за Астон вила досега, Лестер, Фулам и Шефилд ги победи без да прими погодок, па гол-разликата е 12-2.

Треба да се земе предвид дека Астон вила заостанува еден натпревар, со оглед на тоа дека го пропушти првото коло во кое требаше да гостува кај Манчестер сити, но Граѓаните добија неколку дена повеќе за одмор поради настапот во Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести