Далас без Лука Дончиќ го победи тимот кој имаше 18 триумфи во низа (Видео)

Милвоки бакс имаше скор од 24 победи, само три порази и серија од 18 триуфи во низа кога на гости му дојде Далас маверикс, и тоа без повредениот Лука Дончиќ. Јанис Адетокумбо, првата ѕвезда на Милвоки, го одигра најдобриот меч сезонава и заврши со 48 поени и 14 скокови. Сите овие податоци треба да упатуваат дека Милвоки забележал убедлива победа, но не е така.

Далас направи едно од најголемите изненадувања сезонава и победи со 120:116 во меч на кој и немаше толку голема драма. Гостите водеа со 10 поени предност во пресрет на последната минута, а Милвоки само успеа да стигне до попристоен пораз.

Во отсуство на Дончиќ, очекувано, Порзингис беше лидер на Далас со 26 поени и 12 скока. а братот на Стеф Кари, Сет Кари исто така додаде 26 поени.

Милвоки немаше пораз повеќе од еден месец, односно од 8 ноември, кога загуби од Јута со 103:100. Низата од 18 победи која заврши утрово му е најдолга во клупската историја уште од времето на Оскар Робертсон и Карим-Абдул Џабар, кога во сезоната 1970/71 овој клуб имал низа од 20 победи по ред.

Само 10 тимови во историјата на НБА имале подолга победничка серија од таа што утрово беше прекината на Милвоки. Рекордот го држи ЛА лејкерс со 33 победи по ред во сезоната 1971/72.

Во останатите мечеви кои се играат утрово: Детроит – Вашингтон 119:133, Торонто – Кливленд 133:113, Хјустон – Сан Антонио 109:107, Мемфис – Мајами 118:111, Оклахома – Чикаго 109:106, Феникс – Портланд 110:111.

- Оглас -

Најнови вести