Дали темните облаци над „Тодор Проески“ се сигнал дека не му се пишува добро на македонскот фудбал!?

Македонската фудбалска репрезентација на неславен начин ја заврши 2022 година откако на арената „Тодор Проески“ во Скопје загуби со 1:3 од Азербејџан во пријателски меч. Само за четири дена по вторпат малкумината навивачи кои беа на стадионот си заминаа разочарани, ако се знае дека минатиот четврток ремизиравме 1:1 против Финска.

Ако се погледнат последните пет меча, Македонија има четири порази и само едно реми. Во овие пет средби немаме постигнато ниту еден гол од игра (двата погодоци на Барди против Финска и Азербејџан беа од пенал). Ако се знае дека последен пат од игра дадовме гол против аматерите од Гибралтар, поминаа дури 500 минути како немаме погодено во противничката мрежа, а тоа да не е од пенал.

Во текот на вчерашниот дуел против Азербејџан, над стадионот беа нависнати големи темни облаци, кои како да сигнализираат дека нема ништо добро кога се работи за македонската репрезентација.

Селекторот Благоја Милевски вчера првпат јавно изјави дека националниот тим примил тешка шлаканица, и тоа во последниот меч пред почетокот на квалификациите за ЕП 2024 година.

Дека шлаканицата е навистина тешка и силна, покажуваат и фактите. На последните девет меча, Македонија има само две победи и двете во средби против аматерите од Гибралтар. Ако се одземат средбите со аматерскиот Гибралтар, во останатите седум средби македонската одбрана прими дури 14 гола, што е просек од два по меч. Во овој период игравме против Португалија, Грузија, Бугарија, Саудиска Арабија, Финска и Азербејџан.

Вчера се виде дека и фудбалската иднина не ни е многу сјајна. Во исто време додека се играше дуелот против Азербејџан, младата селекција до 19 години загуби од Норвешка со 2:6. Овој пораз е посебно болен ако се знае дека Македонија поведе со 1:0 во четвртата минута, а Норвежаните добија црвен картон, што значи дека имавме фудбалер повеќе. И со водство од 1:0 и играч повеќе, нашите надежи примија дури шест гола и на крајот доживеаја срамен пораз.

Во следните 30-тина дена во фокусот ќе биде Светското првенство во Катар, а за четири месеци ќе започнат и квалификациите за Европското првенство 2024 година. Мисијата е повторно да се најдеме на завршница на едно големо натпреварување, но доколку не се променат многу работи од тоа што сега го има во националниот тим, уште долго време ќе сонуваме да повториме успех од ЕП 2020.

 

- Оглас -

Најнови вести