Репрезентацијата на Хрватска утре го игра својот втор натпревар на Европското првенство во Германија, а за противник ја има селекцијата на Албанија. Бронзената селекција од последното Светско првенство нема веќе право на кикс, откако во првото коло доживеа вистински дебакл и загуби од Шпанија со 3-0.
Селекторот на Хрватска, Златко Далиќ, и покрај поразот од Шпанија, сепак смета дека притисокот на репрезентацијата е преголем и побара поголема почит од навивачите.
„Воопшто не е убаво чувството кога ќе загубите натпревар. Нас секогаш нѐ ставаа на дното и никој не веруваше во нас, а ние освоивме три медали. Секогаш зборувам дека Хрватска заслужува поголема почит. Во 58 години Англија освои само еден медал, а ние три во шест години.“ – рече селекторот на Хрватска, Златко Далиќ.
Хрватска заврши на пиедесталот на последните две Светски првенства. Во Русија во 2018-тата играше во финалето и загуби од Франција, додека пред две години во Катар го освои третото место. Третиот медал во последните шест години кој го споменува Далиќ е оној од Лигата на нации на УЕФА, кога Хрватска загуби во финалето од Шпанија.