Селекторот на фудбалската репрезентација на Хрватска, Златко Далиќ, смета дека Коцкестите ги добија најтешките можни противници на Европското првенство кое идната година ќе се одржи во Германија.
Хрватска која на Светското првенство кое се одржа минатата година во Катар го освои третото место, на ЕП 2024 е во групата Б заедно со актуелниот европски шампион Италија, Шпанија и Албанија.
И покрај тешките противници, Далиќ вели дека целта е да се помине групата.
„Без дилеми ја извлековме најтешката можна група, играме против актуелниот европски шампион и актуелниот победник во Лигата на нации. Ќе имаме многу тешка задача, но се надевам дека ќе успееме. Нашата цел е да ја поминеме групата и да се пласираме во нокаут-фазата. Ќе биде тешко и неизвесно, не смееме да ја потцениме ниту Албанија која беше одлична во квалификациите“, вели Далиќ.
Хрватска во првото коло на ЕП, на 15 јуни во Берлин ќе игра против Шпанија, четири дена подоцна во Хамбург ќе се сретне со Албанија, а на 24 јуни во Лајпциг ќе игра против Италија.