Живата фудбалска легенда Дани Алвес има неочекувани проблеми и денеска беше приведен од полицијата во Барселона за сексуален напад за кој е обвинет од девојка со која бил заедно во ноќен клуб на 30 декември.
Дани Алвес, кој има 39 години, во два наврати играше за Барселона, а во градот непосредно пред Нова година пристигнал за погребот на мајката на неговата сопруга Жоана Санц.
Алвес ја искористил посетата на Барселона, каде што пристигнал од Мексико, земја во која сега игра фудбал за УНАМ Пумас и заминал во ноќен клуб.
Таму, според обвинението, ја допирал девојката која веднаш го пријавила на обезбедувањето, а потоа и во полиција.
Дани денеска даде изјава во суд, а истражен судија треба да одлучи дали познатиот фудбалер ќе биде во притвор или ќе се брани од слобода.