Полека изминува 2025 година, година во која на атлетската сцена во тркачките дисциплини приматот за најдобар убедливо го држи Дарио Ивановски. Тој во 2025 година имаше многу трки, многу победи, многу срушени рекорди. Нашиот атлетичар ја темпира формата за настап уште на едни Олимписки игри, тие во 2028 година во Лос Анџелес.
„Оваа 2025 година за мене е вкупно 11-та сезона во професионална спортска кариера. За мене уште една успешна сезона во која ги остварив сите поставени цели во атлетиката. Сезона во која станав балкански шампион во маратон, балкански вицешампион во полумаратон, го освоив 13-тото место на Европското првенство на пат во маратон во Брисел, забележав победа на Скопскиот маратон, настапив на Светското атлетско првенство и го освоив 58-мото место во дисциплината маратон, убедливо победив на 5 000 метри на европското првенство во третата дивизија во Марибор и го срушив националниот рекорд на 10 000 метри“, вели Ивановски, сумирајќи ги впечатоците од напорната работа во изминативе 12 месеци.

Интересно е дека за Дарио уште не е завршена сезоната. Тој се подготвува за трката во Мадрид, која ќе биде на 31 декември. Таа е најпознатата новогодишна атлетска трка во Европа, учествуваат звучни имиња, а Ивановски ќе се обиде да постави нов национален рекорд на 10 километри.
Планот на Ивановски за Новата 2026 година е под водство на неговиот тренер и менаџер Игор МС Јакимовски да продолжи во исто темпо и да поставува нови најдобри времиња, како и освојување нови медали.
„Оваа година уште еднаш ја добив довербата од МОК за олимписки стипендист за ЛОИ 2028 година, што за мене преставува огромна поддршка, мотивација, ветер во грб, но, секако, и обврска да се оправда тоа. Секако дека и поддршката од АД ‘Спортлаиф’ е од големо значење за мене, за мојот напредок и за успехот на атлетските трки. Заедно продолжуваме и следната сезона 2026, во која исто така имам големи очекувања со високо поставени цели заедно со мојот тренер и менаџер Игор МС Јакимовски. Најпрво е моето учество на маратонот во Севиља на 15.02.2026, каде што ќе ја стартувам сезоната, а најмногу очекувам успех на Европското атлетско сениорско првенство во Бирмингам, В. Британија (10.08 – 16.08.2026), во мојата омилена дисциплина маратон“, вели Ивановски за плановите во годината која ни доаѓа.


