Талентираниот играч за врска на Ајакс, Френки Де Јонг, од следната сезона ќе го носи дресот на Барселона, а на грбот на дресот над бројката нема да го пишува неговото презиме, туку името. Така одлучиле во компанијата „Најки“, за која се вели дека имала клучна улога во трансферот.
За младиот Де Јонг, интерес имаше и од ПСЖ и Манчестер сити, но Барса со помош на „Најки“, успеа прва да дојде до потписот на Холанѓанецот и го доби за 75 милиони евра. Иако „Најки“ е спонзор и за ПСЖ, сепак во американската компанија за спортска опрема сметале дека подобар бизнис потег би било ако Де Јонг замине во Барселона.
Од „Најки“ не дале пари за обесштетувањето, но ќе инвестираат во платата на Де Јонг која ќе ја зема во Барса. Интересно е што спонзорот од маркентиншки причини, побарал на дресот на Де Јонг да не стои неговото презиме, туку да пишува Френки. На младиот фудбалер не му се допаднала таа идеја, но големи пари се во игра и веројатно ќе го премислат.
Барселона годишно добива по 105 милиони евра од „Најки“, а ако се активираат сите бонуси, сумата може да дојде и до 160. Договорот им е до 2028 година.