Првиот дел од денешната програма на Европското ракометно првенство во Германија мина во знакот на фаворитите. Холандија, Португалија и Словенија настапот на континенталниот собир го започнаа со победи.
Најмногу мака виде селекцијата на Словенија, која дури во завршната фаза го скрши отпорот на дебитантот Фарски Острови и успеа да победи со 32-29. Ракометарите на Фарските Острови одиграа одличен натпревар, на полувремето имаа нерешено, 13-13, а на почетокот од вториот дел дојдоа до водство и од два гола разлика. Сепак, пресудно беше искуството на Словенците.
Португалија со убедливи 31-24 ја совлада Грција и во ниту еден момент не им даде шанса ниту да се надеваат дека ќе извлечат позитивен резултат.
И третиот дебитант на ова Европско првенство, Грузија, со пораз го започна настапот во Германија откако загуби со 34-29 од Холандија. Победникот на мечот беше решен уште во првото полувреме, а Грузијците изненадувачки го добија второто полувреме и го направија поразот поподнослив.