Репрезентативецот на Англија, Деклан Рајс, досега во животот нема испиено ниту едно пиво. Но, се зарече дека ако Англија вечерва ја освои титулата на Европското првенство, ќе го направи тоа за првпат.
„Се сеќавам дека на последното Европско првенство се зареков дека ќе го испијам првото пиво, ако победиме. Но, загубивме од Италија. Оттогаш пиев неколкупати, но само разредено пиво со лимонада. Ако сега ја освоиме титулата, ќе затнам нос за да не ја чувствувам ужасната миризба, и ќе го испијам првото вистинско пиво“, изјави играчот од Арсенал.
На Островот се подготвуваат за голема забава, ако тимот ја освои првата европска титула.
Според бизнис аналитичарите, приходите во трговскиот, ресторанскиот и хотелскиот сектор може да скокнат за импресивни 800 милиони фунти.
За да можат навивачите да уживаат во натпреварот и да трошат пари, пабовите ќе работат со продолжено работно време – до 1 часот по полноќ.
Очекувањата се дека само во недела ќе се потроши алкохол во вредност од 120 милиони фунти, а пабовите се подготвуваат да продадат 10 милиони пива повеќе од вообичаено.
Во еден од најголемите ланци супермаркети на Островот, мислат и за оние кои ќе останат дома. Прелиминарните истражувања предвидуваат дека ќе бидат продадени над 4 милиони лименки пиво, 2,5 милиони шишиња вино и близу 80.000 пакувања колбаси.
Популарен синџир за пици најави дека ќе приготвува од 20 до 25 пици во секунда, за да ги задоволи потребите на сите заинтересирани фанови.