22.8 C
Skopje
петок, 5 септември 2025

Делап потпиша шестгодишен договор со Челзи

Челзи го финализираше трансферот на напаѓачот Лиам Делап од Ипсвич за сума од 30 милиони фунти. 22-годишниот фудбалер потпиша шестгодишен договор со лондонскиот клуб, откако Сините ја активираа откупната клаузула во неговиот договор, која стапи на сила по испаѓањето на Ипсвич од Премиер лигата.

Се верува дека Челси ќе плати 20 милиони фунти однапред, а Трактористите договориле и процент од идна продажба како дел од договорот. Тимот на Енцо Мареска успеа да ја победи конкуренцијата од Манчестер јунајтед, Њукасл и Евертон за потписот на англискиот младински репрезентативец.

„Свесен сум за големината на овој клуб и ја гледам насоката во која се движи со овие играчи и тренер. Ова ќе биде неверојатно место за мојот развој и се надевам дека ќе постигнам големи работи тука и ќе му помогнам на клубот да освои уште трофеи“, изјави Делап при своето претставување.

Напаѓачот постигна 12 голови на 37 натпревари во елитата минатата сезона.

Англичанецот е производ на академијата на Манчестер сити и играше на позајмица во Стоук, Престон и Хал сити, пред да се приклучи на Ипсвич во 2024 година за околу 20 милиони фунти.

Синот на поранешниот репрезентативец на Република Ирска, Рори Делап, беше дел и од академијата на Дерби Каунти, пред да прејде како тинејџер во академијата на Сити. За првиот тим на Граѓаните одигра шест натпревари, постигнувајќи еден гол во Лига купот, пред да следат позајмици и постојан трансфер во Ипсвич.

- Оглас -

Најнови вести