Без победник заврши 159-тото белградско дерби меѓу Црвена ѕвезда и Партизан на стадионот „Рајко Митиќ“. Овој резултат многу повеќе им одговараше на домаќините, кои се убедливи лидери на табелата во првенството, а уште немаат ниту еден пораз. По 24 кола, Ѕвезда има 66 бодови (21 победа и три реми), пред Раднички со 59 бодови, додека Партизан сега има 51 бод.
Двете екипи добија по едно полувреме на дербито. Партизан прв донесе радост за гостинските фанови. Во 37 минута, се случи мешаница пред шеснаесетникот на домаќините, топката дојде до Нинковиќ, кој спретно реагираше и успеа да ја смести топката во голот за водство на гостите.
Ѕвезда не дозволи на свој терен да загуби од најголемиот ривал и тоа најмногу балгодарение на погодкот на Милан Павков. Играчот кој се прослави по двата гола кои ги даде во дуелот против Ливерпул во групната фаза од Лигата на шампионите, овојпат погоди за радост на домашните фанови во вечното дерби. Во 74 минута Павков беше на ќошот од шеснаесетникот, кога реши да шутира од таму и тоа го направи многу прецизно. Топката удри во стативата и заврши во голот.
Атмосферата на трибините беше одлична, а „Делиите“ на најдобар начин ја покажаа убавата страна на дербито.