Шампионот Денвер нагетс без своите двајца најдобри играчи, Никола Јокиќ и Џамал Мареј, го совлада Портланд треилблејзерс со 114:111 и ја продолжи битката за првото место во Западната конференција со Оклахома сити тандерс.
Во отсуство на Мареј и Јокиќ, одговорноста ја презедоа Арон Гордон, Реџи Џексон и Кристијан Браун. Гордон беше одличен во последната четвртина, а мечот го заврши со 22 поени и 12 скока, Џексон даде 23 поени, а Браун оствари дабл-дабл од 17 поени и 10 скока. Кај Портланд, најдобар беше Дуоп Рит кој за 26 минути даде 24 поени и имаше осум скока.
Најдобриот тим во НБА-лигата, Бостон селтикс ја оствари осмата победа по ред, а последна жртва е Чикаго булс кој е совладан со 124:113 и сега има учинок од 57 победи и 14 порази. Најдобар кај Бостон беше Џејсон Тејтум со 26 поени, додека на спротивната страна, Демар Дерозан даде 28 поени.
Најефикасниот меч го одиграа Хјустон и Јута на кој славеа Ракетите со 147:119 и на кој тандемот Грин – Ванфлит заедно постигна 75 поени.
Резултати: Орландо – Сакраменто 107:109, Атланта – Шарлот 132:91, Чикаго – Бостон 113:124, Хјустон – Јута 147:119, Сан Антонио – Феникс 106:131, Вашингтон – Торонто 112:109, Портланд – Денвер 111:114.