Најдобриот стрелец во историјата на домашните шампионати, Баже Илијоски нема да игра за Шкупи, денеска од 13,30 часот против Шкендија, екипа која ќе атакува на шестата победа по ред во меѓусебните дуели, без Бесарт Ибраими.
Двајцата најефикасни играчи од постоењето на македонската Прва лига ќе бидат отсутни поради повреди, што значи голем хендикеп и за Шкендија и за Шкупи, во дербито од 13. коло во Тетово.
Бодовите во битка за врвот ќе имаат големо значење и во двете скопско-струмички пресметки.
Лидерот Вардар по долг период, по цели 12 години ќе игра против Беласица во Скопје и ќе мора да атакува на победа за да ја продолжи серијата од 12 рунди како лидер на табелата.
Беласица пристигна во главниот град со цел да ја прекине мини-серијата од два порази и со евентуален подвиг да побегне од зоната за испаѓање.
Во Струмица кај Академија Пандев гостин ќе биде Работнички. Во дуелот на двете екипи што се веднаш зад Вардар и Шкендија на прволигашката табела. Академците на Пандев имаат само една победа на пет меѓусебни дуели со скопските „романтичари“.
Двојки – 13. коло, денеска од 13,30 часот:
Шкендија – Шкупи, Вардар – Беласица, Академија Пандев – Работнички, Македонија Ѓ.П. – Ренова, Победа – Силекс.