Десет месеци немаше играно, а во „џеб ги стави“ Мбапе и Нејмар

Алекс Туанзебе е херојот во сенка на Манчестер јунајтед по синоќешната победа од 2:1 на гостувањето кај Пари Сен Жермен. Младиот 22-годишен дефанзивец цели 10 месеци не играше, а Оле Гунар Солскјер реши да го стави од првата минута за дуелот со европскиот вицепрвак. ПСЖ со Нејмар и Мбапе во нападот се страв и трепет за сите одбрани, но Туанзебе покажа дека може да се носи со двајцата.

Стоперот на Манчестер јунајтед ги доби речиси сите воздушни дуели, имаше дури седум расчистувања по опасни напади на домаќините, а посебно импресивно делуваше кога успеа да сопре два карактеристични спринта на Мбапе. Едноставно, и Мбапе и Нејмар беа немоќни да го пробијат Туанзебе.

„Алекс беше фантастичен. Колку време нема играно? Десет месеци? И веднаш така да одигра против Мбапе и Нејмар. Морам да признаам дека сум изненаден. Знаев дека е добар играч, но ова е фантастично“, вели тренерот на Манчестер, Оле Гунар Солскјер.

Туанзебе немаше играно од 18 декември минатата година, кога на теренот помина 64 минути во победата над Колчестер во Лига купот на Англија. Потоа дефанзивецот се повреди и беше на рехабилитација до март. Во следниот период најчесто не беше ниту меѓу резервите, а Манчестер одигра над 40 средби, додека Туанзебе повторно доби шанса во стартниот состав и воодушеви.

На социјалните мрежи започнаа да се шегуваат дека Нејмар и Мбапе завршиле во „џебот на Алекс“ и затоа не можеле да се видат на теренот.

Победата на Манчестер јунајтед на „Паркот на принцовите“ е посебна за англискиот гигант затоа што за првпат во клупската историја стигнаа до 10 триумфи по ред на терен на противникот.

 

- Оглас -

Најнови вести