Дешамп оптимист околу повредата на Бензема: Верувам во лекарскиот тим

Каква е состојбата со повредата на ѕвездата Карим Бензема, кој се врати во националниот тим по пет и пол години, беше главното прашање кое ги интересираше сите по завршувањето на контролата, која Франција со 3-0 ја доби против Бугарија.

Бензема во еден воздушен дуел доби силен удар во натколеницата, всушност самиот се повреди и беше повлечен од игра во финишот на првото полувреме. На негово место влезе Оливие Жиру, кој даде два гола и покажа дека ако Бензема не може да игра на ЕП, подготвен е да биде прва опција како централен напаѓач.

Селекторот Дидие Дешамп смета дека лекарскиот тим ќе успее брзо да го оспособи Бензема за настап. Првиот меч на Французите на ЕВРО 2020 е на 15 јуни против Германија.

„Карим доби силен удар во мускулот над коленото. Не сакавме да ризикуваме. Лекарскиот тим, кој е високо квалификуван, знае што треба да се направи. Како ќе одминува време, состојбата ќе се подобрува. Не гледам никаква драма во моментов“, рече Дешамп.

- Оглас -

Најнови вести