Екипата на Детроит пистонс продолжува со очајните игри во НБА-лигата и овојпат на свој терен загуби од Јута џез со 111:119. За Детроит ова е дури 25-ти пораз по ред и сега е на чекор од достигнување на неславниот НБА-рекорд од 26 порази во низа во иста сезона.
Детроит сезонава стартуваше со две победи, но потоа почна да губи и речиси два месеца е само со порази. Домаќините добро започнаа во првата четвртина, во која водеа во најголемиот дел, но откако Јута го презеде водството со 34:32, гостите до крајот не дозволија Детроит во ниту еден момент да биде во предност.
Најлошиот скор во историјата на една НБА-сезона е 9 победи и 73 порази и го држи тимот на Филаделфија од сезоната 1972/73. Најлошиот процент на победи го има Шарлот бобкетс, кој во сезоната 2011/12 заврши само со 7 победи и 59 порази во скратената сезона (10,6 отсто на победи).
Рекордот од 26 порази во низа во една сезона го држат екипите на Кливленд од сезоната 2010/11 и Филаделфија од сезоната 2013/14, додека апсолутниот рекорд од 28 порази по ред е во сопственост на Филаделфија, која во 2015 година имаше дури 28 порази во серија, но тие беа во две сезони.
Резултати: Детроит – Јута 111:119, Кливленд – Њу Орлеанс 104:123, Чикаго – Сан Антонио 114:95, Мемфис – Индијана 116:103, Милвоки – Орландо 118:114, Оклахома – ЛА клиперс 134:115, Минесота – ЛА лејкерс 118:111, Портланд – Вашингтон 117:118.