Џани де Бјази, поранешниот селектор на Албанија, е многу блиску до позицијата стратег на ерменската репрезентација, објавија ерменските медиуми.
Де Бјази беше сериозен кандидат да биде селектор на Полска, како замена за Адам Навалка, но во последен момент Полјаците се решија за домашен стратег и го именуваа Јиржи Брзечка.
„За мене тоа беше лоша вест. Очекував од Зиби (Збигњев Боњек, н.з.) да го реализира ветеното и јас да бидам селектор на Полска, но тоа не се случи. Одиме понатаму“, беше изјавата на Де Бјази.
Нова понуда сега стаса од Ерменија, па Италијанецот повторно може да ни биде ривал во меч што ќе биде еден од решавачките за настап на големо натпреварување. Против Ерменија ќе играме во Лигата на нациите, во Ереван на 16-ти октомври, и со реми или со победа ќе бидеме речиси сигурно полуфиналисти во сегментот Д.
Де Бјази допрва треба да биде именуван за селектор на Ерменија, но тоа, според тамошните медиуми, е речиси сигурна работа. Македонија има голема предност пред главниот ривал за првото место во четвртата група од сегментот Д, бидејќи ги победивме Ерменците во Скопје со 2-0. Само првопласираната селекција од сите четири групи во сегментот Д ќе може да се надева на пласман на ЕП 2020.
Ако Македонија го освои првото место, ќе игра полуфинале со некоја од останатите три првопласирани репрезентации од групите во сегментот Д. И тука само конечниот победник ќе има сигурен настап на ЕП.
Де Бјази ја предводеше Албанија како селектор на дуелот против Македонија во Скадар на шести септември 2016 година, во квалификациски меч за пласман на СП во Русија.
Во чудниот меч што се играше во два дена поради невремето во Скадар, Албанците славеа со 2-1. По првиот ден беше 1-1 и имаше прекин поради бура во Скадар, а во продолжението, на седми септември, Балај ни даде гол во последните моменти за триумф на Албанците под палката на Де Бјази. Подоцна, во текот на тие квалификации италијанскиот стратег доби отказ и беше заменет со сонародникот Кристијан Панучи.