39.8 C
Skopje
петок, 25 јули 2025

Џејкоб Вајли повторно во дресот на Македонија (Фото)

Џејкоб Вајли е повторно дел од сениорската репрезентација на Македонија. Американецот со македонски пасош без размислување го прифати повикот на селекторот Марјан Илиевски за повторно да заигра за Македонија.

И тоа во вистинско време, кога и тоа како ни е потребен играч од таков калибар да го затвори рекетот и со својата физичка доминација да ја засили онаа внатрешна линија во селекцијата, која ова лето ќе игра претквалификациски мечеви за пласман на Светскиот куп 2027 година.

„Искрено сум пресреќен што дојдов овде по неколку години пауза. Мотивацијата е на највисоко ниво, штом стапив во контакт со луѓето од Федерацијата, без многу размислување прифатив. Среќен сум што со мене дојде и моето семејство, кое ‘во живо’ ќе ги следи моите настапи за македонската репрезентација. Едвај чекам повторно да го облечам дресот на Македонија“, изјави Вајли по пристигнувањето во хотелот „Аполонија“ во Гевгелија.

Силното крило ќе биде и највозрасен кошаркар во нашата селекција, од кого дефинитивно ќе се очекува заедно со Магдевски и Мекиќ како најискусни да ја предводат Македонија во новиот предизвик – претквалификациите за Мундобаскетот во 2027 година.

„Знам дека репрезентацијата е подмладена и сметам дека тоа е природна работа. Да, добро е што младите кошаркари ќе добијат можност да блеснат на сениорско ниво. Допрва ќе тренираме и ќе се воигруваме, свесен сум дека во овој процес на подмладување мојата улога како лидер ќе биде уште позначајна, но подготвен сум за тоа. Ќе дадам се за да помогнам, да внесам позитивна енергија на тренинзите и на натпреварите, да помогнам со своето искуство и да дадам придонес да стигнеме до што подобри резултати“, истакна „повратникот“ во нашата најдобра селекција.

- Оглас -

Најнови вести