Легендарниот 38-годишен англиски напаѓач, Џејми Варди, се збогува со Лестер на крајот од минатата сезона, клубот за којшто играше 13 години и со кој сензационално ја освои титулата во Премиер лигата во 2016 година и оттогаш е без клуб, а за него интерес покажуваат повеќе клубови.
Според последните информации на британските медиуми, Варди ќе остане во Европа, интерес за него има и од Валенсија, а Англичанецот наводно нема ништо против да живее во Шпанија. Тренерот на Лилјаците, Карлос Корберан, бара од раководството да направи сè што може да го доведат Варди, кој одлично би се вклопил во тактиката на Валенсија, која игра на контранапади. Единствениот проблем е што Корберан го гледа Варди како опција од клупата, а не како стартер.
Варди играл за уште два клуба во својата кариера. Тој играл во шестата дивизија со Халифакс и петтата дивизија со Флитвуд таун пред да му се приклучи на Лестер во 2012 година за 1,35 милиони евра.
Ако потпише за Валенсија, Варди би станал клупски колега на Столе Димитриевски, доколку македонскиот голман остане во клубот. Столе не е среќен што тренерот Корберан и по заминувањето на Мамардашвили во Ливерпул го гледа кумановецот како резерва.
Покрај тоа, Димитриевски му се лути што не го стави да брани во последното коло од минатата сезона. Ако Столе беше на голот во последниот меч од Ла Лига против Бетис, ќе добиеше бонус од 300.000 евра. Во договорот имаше клаузула дека Македонецот треба да добие 300 илјади ако има 10 настапи во сезоната, а имаше девет, па Лилјаците така заштедија на сметка на Столе.