Реал Мадрид го победи Армани Милано со 92:89 многу потешко од очекувањата и остана во трката за второто место во Евролигата со ЦСКА Москва.
Гостите го намачија фаворитот, а блескаше Мајк Џејмс со 35 поени. Американецот од редовите на Армани Милано имаше и 8 скокови, но имаше слаба поддршка од соиграчите. Само Недовиќ и Нунели со по 16 поени имаа двоцифрен учинок заедно со Џејмс, што се покажа како премалку за сензација во Мадрид.
Кај домаќините, Серхио Љуљ беше најефикасен со 14 поени, пред Рендолф со 13. Реал Мадрид со победата вечерва се израмни на втората позиција со ЦСКА Москва зад лидерот Фенербахче со 23 победи и четири порази на три кола до крајот на регуларниот дел од Евролигата.
Реал и ЦСКА имаат по 21 победа и шест порази.
Во останатите мечеви, вечерва Дарушафака го победи Химки со 91:85, Панатинаикос славеше со 72:70 против Басконија, а Макаби загуби втор меч по ред во Тел Авив, сега од Жалгирис со 83:85.