Фудбалерот кој остави свој печат во светски рамки во периодот од крајот на 20 век и почетокот на 21 век, Пауло ди Канио, имаше големи забелешки за тоа каде се наоѓа фудбалот во Италија во моментов.
Во играчката кариера, која му траеше цели 23 години, Ди Канио има играно за клубови како Лацио, Јувентус, Наполи, Милан, Селтик, Шефилд вензди, Вест хем, што покажува дека има завидно искуство на теренот.
Ди Канио е разочаран од тоа како се преставуваат италијанските екипи сезонава во Лигата на шампионите. Во плејофот на Лигата на шампионите, во вторникот и средата загубија сите три италијански преставника. Јувентус беше декласиран од Галатасарај со 5:2 во Истанбул, Интер беше шокиран во Норвешка кај Бодо/Глимт, а и Аталанта со 2:0 загуби од Борусија во Дортмунд. Колку за потсетување, Наполи воопшто не ја помина групната фаза, па реални се шансите да нема ниту една екипа од Италија во осминафиналето на ЛШ.
„Ние во Италија имаме перцепција дека сме феномени, а потоа ќе играме против тим каков што е ПСВ Ајндховен и ќе примиме шест гола. Оваа сезона мислевме дека Наполи ќе може далеку да дотурка во Лигата на шампионите, а тие примија шест гола од ПСВ. Токму тој ПСВ освои три бода против Наполи, а потоа во останатите седум меча освои вкупно пет бода. Интер во финалето на ЛШ прими пет гола од ПСЖ, а можеше да прими и 10. Воопшто не сакам да ја споредувам Премиер лигата, таа е на друго ниво“, револтирано вели Ди Канио.
Тој додаде дека италијанските фудбалери веќе оддамна не се на цена и популарни во Европа.
„Се зборува дека има италијански фудбалери кои би играле во Манчестер сити. Кои се тие играчи? Италијанските играчи веќе 15-тина години никој од Европа не ги бара, што значи дека не ги сметаат за доволно добри да играат на тоа ниво“, заврши Ди Канио.

