2.8 C
Skopje
понеделник, 22 декември 2025

Дибала ја одби понудата на Бока јуниорс, но само до летниот преоден рок

Пауло Дибала влегува во завршната фаза од својата кариера и сè укажува на тоа дека „Ла Хоја“ ќе ги закачи копачките во родната Аргентина. Според информациите на аргентинскитe медиуми, тоа враќање сепак ќе мора да почека.

Фудбалерот на Рома ја одбил понудата на Бока јуниорс за приклучување кон тимот во претстојниот зимски преоден рок.

Намерата на напаѓачот е да го испочитува договорот со клубот од италијанската престолнина, кој истекува во јуни следната година. Откако ќе заврши договорот со Рома, Бока јуниорс повторно ќе се обиде да го обезбеди неговиот потпис, а се очекува тогаш Дибала да биде подготвен да се врати во татковината.

Тоа го потврди и мајката на партнерката на фудбалерот, Катрин Фулоп:


„Ако се случи, тоа ќе биде во јуни. Не сега. Оријана (партнерката на Дибала) ќе стане мајка во март, а јас имам билет за Рим во јануари.“

Дибала пристигна во европскиот фудбал во сезоната 2012/13 со трансфер во Палермо, без претходно да дебитира во аргентинската Примера. Тој дојде од Институто, клуб кој тогаш се натпреваруваше во втората лига. Од своето доаѓање во Европа се етаблира како еден од најталентираните фудбалери во Калчото во изминатата деценија, а сега, на 32 години, изгледа решен да ја оствари својата желба да го облече дресот на клубот за кој повеќепати има изјавено дека навива.

- Оглас -

Најнови вести