Дијамантска победа од 2:1 постигна Македонија против Словенија во квалификацискиот меч за настап на Европското првенство во 2020 година, а блескаше нашиот дијамант Елиф Елмас.
Постигна три гола, од кои два важат, а и првиот што им го даде на Словенците во самиот финиш од првиот дел беше поништен во сомнителна позиција.
Сепак Елиф не се откажа по поништениот гол и по вторпат го совлада Јан Облак во 50. минута, овојпат регуларно и Македонија поведе со 1:0. Одлично на Елиф му асистираше Горан Пандев, нашиот рекордер со 106 мечеви за националната селекција.
Гостите намалија со почесниот гол на Јосип Иличиќ од пенал во финишот на мечот, но за среќа немаше време за да ни ја загрозат победата.
Македонија ја стаса Словенија со 11 бода и сега има предност пред ривалот, бидејќи има подобар меѓусебен скор со реми во Љубљана и победа во Скопје во трката за двете први позиции.
Таму моментно се Полска со 16 бодови по победата од 3:0 против Летонија вечерва и Австрија со 13, отако и тие славеа со 3:1 против Израел.
Клучен меч ќе ни биде следниот со Полска во Варшава на 13. октомври и ако останеме непоразени ќе имаме убава шанса да биеме битка докрај за настап на историско ЕП, следната година во 13 земји на Стариот континент.