Димитриевски последен пат прими гол од Барселона кога уште Меси беше во тимот

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски вечерва го очекува нов голем предизвик на фудбалскиот терен. На стадионот на Рајо Ваљекано ќе гостува лидерот во шпанското првенство, Барселона. Токму Барселона е омилениот противник на Димитриевски во последните две сезони, а тоа го покажуваат резултатите.

Кога за противник го има каталонскиот гигант, Димитриевски се претвора во супер-голман, па на последните три меча против Барселона нема примено ниту еден гол. На почетокот на оваа сезона, Барселона на „Камп ноу“ беше голем фаворит, но одигра само 0:0, а токму Димитриевски беше прогласен за најдобар играч на мечот дури со шест одбрани на удари кои одеа во рамките на неговиот гол.

На тој меч, Димитриевски продолжи една одлична низа, па повеќе од 280 минути нема примено гол во дуелите против Барселона. Минатата сезона Рајо изненадувачки на двапати славеше против Барселона, и тоа со идентични 1:0. На дуелот во Мадрид, Димитриевски дури му одбрани и пенал на Мемфис Депај и повторно беше главен херој на Рајо Ваљекано.

Барселона последен пат успеала да го совлада Димитриевски пред повеќе од две години, односно во јануари 2021 година, и тоа во Купот на Шпанија. Тогаш во составот на каталонскиот гигант уште играше и Лионел Меси. Токму Меси постигна еден гол во победата од 2:1, а Френки де Јонг е последниот фудбалер на Барселона кој успеал да го совлада Димитриевски.

Вечерва Рајо на свој терен повторно игра против Барселона. Димитриевски треба да е на голот, па останува мисијата за гостинските фудбалери да се обидат да го совладаат голманот кој ја има најдолгата актуелна низа без примен гол против каталонскиот гигант.

- Оглас -

Најнови вести