Спортскиот директор на Рајо Валјекано, Давид Кобењо, рекол дека клубот им испратил понуди на сите фудбалери на коишто им истекуваат договорите, меѓу нив и македонскиот голман Столе Димитриевски.
Во меѓувреме, Димитриевски даде интервју за еден навивачки портал на Рајо и рече дека има 90 проценти шанси да остане во клубот. Пред неколку месеци се зборуваше дека Севилја и Вилјареал се интересираат за него, но за Столе прва опција останува Рајо.
„Мојата идеја е да останам во клубот многу години и да ја завршам кариерата тука, а и клубот сака да останам уште долго. Разговараме и ќе разговараме додека не постигнеме договор да продолжам во Рајо. Со 90 отсто сигурност останувам во Рајо. Но, ќе треба да го потврди и претседателот, во секој договор има две страни“, вели кумановецот.
Македонскиот голман вели дека нема други понуди.
„Немам понуди од други клубови, приоритет секогаш ми бил Рајо. Имаше многу шпекулации, но не сум потпишал ништо со друг тим“, додава македонската единица.