Утрешниот натпревар на Македонија против Црна Гора ќе биде специјален за голманот на Црвено-жолтите, Столе Димитриевски, бидејќи дебито во репрезентативниот дрес го имаше токму против оваа селекција.
Токму поради тоа, секогаш кога игра против Црна Гора, мечевите му будат специјални спомени на Димитриевски.
„ Црна гора е поквалитетна репрезентација од Молдавија и за мене тоа ќе биде специјален натпревар бидејќи дебито во репрезентацијата ми беше токму против нив кога ги победивме со 3:1 во Скопје“, вели Димитриевски.
Црна Гора е вториот противник на Македонија во Анталија, во петокот фудбалерите ремизираа со Молдавија играјќи 1:1 и тоа поради фантастичниот гол на Молдавците во финишот.
„Мислам дека шутот беше фантастичен и мислам дека во последните 5-6 години од кариерата не сум примил таков фантастичен гол. Но, тоа е фудбалот, тој беше оставен сам и можеше да реализира перфектно. Мислам дека тоа не беше случајост бидејќи ние не бевме сконцентрирани и дисциплинирани во играта, и тоа е проблемот на кој треба да работиме бидејќи ќе имаме проблеми во Лигата на нации. Мислам дека концентрацијата треба да биде на повисоко ниво бидејќи примаме голови во последните 15-20 минути од мечевите во последно време и мора да се фокусираме на тоа. Мора да работиме на тој дел од играта бидејќи во Лигата на нации ќе играме против силни противници и не смееме да си дозволиме вака да играме„ смета Димитриевски.
Голманот на Рајо Ваљекано посакува утре да има „чиста мрежа“, но за тоа потребно е и соиграчите да си го завршат својот дел од работата.
„Секогаш кога влегувам во натпревар сакам да имам чиста мрежа и секогаш се борам за тоа, станувам опсесивен. Барам многу и од себе и од соиграчите и кога ќе имаме чиста мрежа полесно е да победиме“, смета Димитриевски кој има порака и за помладите фудбалери во националниот тим.
„Јас ги гледам дека мотивирачки и доста страствено влегуваат во мечевите, но мислам дека треба да се покаже уште поголема жар, волја, желба да се направи нешто повеќе на натпреварите, а не само да се влезе во игра. Сега е потребно уште нешто повеќе. Во Лигата на нации резултатот е најважен и мислам дека и поискусните и помладите ќе се стават во функција на резултатот“.