Димитријевиќ: Една од главните цели ми е да играм со Македонија на Евробаскет!

Македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ со играта во Суперкупот на Италија, по која беше прогласен за најкорисен поединец на мечот помеѓу Армани Милано и Виртус Болоња, веќе се наметна како еден од лидерите во тимот на тренерот Еторе Месина и рече дека одвај ги чека дуелите со Париз во Милано и со Партизан во Белград.

Во големо интервју за порталот „Јурохупс“, Нено говореше на многу теми, а секако ја спомна и репрезентацијата на Македонија.

„Себеси повеќе се гледам како плејмејкер, креирајќи и да им го олеснувам животот на моите соиграчи. Но, се гледам и како стрелец, човек кој може да постигне многу поени. Тоа е една од силните страни на мојата игра: да можам да играм на двете бековски позиции. Одбраната не е една од моите најголеми предности, но мислам дека сум добар тимски дефанзивец. Знам каде да помогнам, а каде не. Се обидувам да се подобрам. Тоа ми е исто така една од целите за сезонава: да докажам дека можам да бидам цврст, не одличен, но барем цврст дефанзивец“, вели Димитријевиќ.

Списокот на идоли на Нено е богат, а на прво место му е Милош Теодосиќ, а ги спомна и Василис Спанулис, Никос Зизис, со кого играше во Хувентуд и многу научил од него, како и Рики Рубио, кој е легенда во Хувентуд Бадалона.

На трети октомври, најдобриот македонски кошаркар треба да дебитира во Евролигата. Тој со нетрпение го чека дебито, но и дуелот од второто коло против Париз во Милано и гостувањето кај Партизан на 15 ноември.

Партизан му е омилен тим, а за Париз игра Ти Џеј Шортс, кој е македонски репрезентативец, иако не играше за нашата репрезентација во првиот циклус квалификации за Евробаскетот 2025.

„Сакам да играм Евробаскет со мојата земја, сигурно тоа е една од моите најголеми цели. Се надевам дека ќе го оствариме тоа бидејќи тоа е моја голема цел: да можам да ја претставувам мојата земја на Евробаскетот и повторно да се обидам да го подигнам нивото на македонската кошарка. Еден од неговите најубави спомени ми беше кога го гледав Евробаскетот 2011. Гледав дома со семејството и пријателите, врескавме како луди. Посебно во четвртфиналето, кога ја победивме Литванија со тројката на Владо Илиевски. Тоа е голем спомен за нашата земја и нашата кошарка“, се присети Нено на историскиот подвиг.

- Оглас -

Најнови вести