Динамо треба да е среќен што ги има во тимот: Македонското дуо го уништи сонот на Шкупи

Аријан Адеми по кој знае кој пат се покажа дека е вистински капитен, лидер на теренот кога игра Динамо Загреб. Фудбалерот, кој е „мозокот“ во играта на Динамо и има одиграно над 80 меча во европските купови во дресот на Модрите (апсолутен рекордер во клупската историја), повлече кога беше најпотребно.

Динамо се мачеше во првото полувреме синоќа во Скопје, но во второто полувреме се случи пресврт во играта. Од првиот момент во вториот дел, Адеми почна да игра поофанзивно, да се уфрлува веднаш до напаѓачите и тоа веднаш вроди со плод. Македонскиот репрезентативец погоди за Динамо во 47-мата минута, гол кој на крајот се покажа и како клучен за радост на гостите. Адеми и во првиот дел имаше одлична шанса со глава, но тогаш Кристијан Наумовски одбрани.

И не беше добра играта на Адеми само на реваншот. Тој беше клучен играч и во првиот меч на „Максимир“. Кога не му одеше на Динамо, Адеми даде гол за 1:1, а за вториот погодок асистираше на Петковиќ.

Кога ќе се сублимира, од трите гола на Динамо против Шкупи, Адеми постигна два, а на еден беше асистент.

И вториот македонски репрезентативец од Динамо, Стефан Ристовски, одигра одлично. Ристовски на првиот меч во Загреб не беше стартер, па се виде дека одбраната на Динамо не е толку сигурна и Модрите примија два гола. Синоќа Ристовски од првата минута беше на теренот и одлично се справуваше во многуте дуели со брзите црномурни офанзивци на Шкупи.

Капитенот на македонската репрезентација едноставно не загуби ниту еден дуел и сите опасности кои беа пред голот на Динамо успешно ги расчисти. Едноставно, македонското дуо сигурно е едно од најзаслужните за поминувањето на Динамо во следната фаза од Лигата на шампионите и Динамо треба да биде среќен што ги има во своите редови.

- Оглас -

Најнови вести