Динамо Загреб денеска слави 113 години од своето основање. Клубот е формиран под името Граѓански на 26 април 1911 година, а 34 години подоцна, во една од неколкуте фази на промена на името, бил преименуван во Динамо.
Динамо неколкупати низ историјата го менуваше името поради политички игри. И секогаш ќе има дебата дали Модрите се законски наследници на Граѓански. Сегашниот грб на Динамо е дизајниран во 1969 година врз основа на познатиот грб на клубот од времето на Граѓански.
По повод роденденот, клубот ќе организира прослава со забавна програма на загрепскиот Цветен плоштад со почеток во 18 часот. Клубот најави и пригоден роденденски попуст од 20 проценти во сите фан шопови.
Од клубот најавија дека на прославата ќе присуствуваат првотимците, меѓу кои и македонските интернационалци Аријан Адеми и Стефан Ристовски, како и многу клупски легенди.
Во својата историја Динамо има освоено многу трофеи, меѓу кои и еден европски, во некогашниот Куп на саемски градови во 1967 година. Ако се погледнат само резултатите на клубот по осамостојувањето на Хрватска, дури 24 пати беше шампион, а 16 пати го освои купот на својата земја.