Ете како се работи, Динамо Загреб заработи 40 милиони евра од настапот во Лигата на шампионите

Хрватскиот првак Динамо Загреб е можеби најнесреќниот тим во Лигата на шампионите за оваа сезона. Популарните Модри се единствени кои освоија 11 бода од осум кола, но не успеаја да бидат меѓу најдобрите 24 екипи кои продолжуваат понатаму.

Динамо синоќа со 2:1 го победи Милан и со тој триумф, како утеха, дополнително ја зголемија финансиската добивка од настапите во Лигата на шампионите.

Со самиот пласман во групната фаза, Динамо како и сите 36 екипи заработи 18,62 милиони евра. Следниот приход е врз основа на маркетиншкиот фонд и коефициентот на клубот во последните пет години, а во случајот на Динамо тоа изнесува вкупно 4,68 милиони евра. Тука е и премијата врз основа на десетгодишниот коефициент на клубот, кој за Динамо е 5,19 милиони евра.

За секоја победа во групната фаза од ЛШ се заработува 2,1 милиони евра, додека ремито е 700.000 евра. Тимот од Загреб имаше три победи (над Милан, Слован и Салцбург), две нерешени (Селтик и Монако) и три порази (Баерн Минхен, Арсенал и Борусија Дортмунд). Тоа значи дека од резултатите во осумте средби Динамо заработи 7,6 милиони евра.

На крајот, Динамо го освои 25-тото место, а тоа носи дополнителни 3,48 милиони евра. Кога ќе се соберат сите приходи, Динамо за настапот сезонава во Лигата на шампионите од фондовите на УЕФА заработи 39,57 милиони евра.

- Оглас -

Најнови вести