Фудбалската лоза на семејството Малдини може да се продолжи и со трет член во првиот тим на Милан. Чезаре и Паоло како да не дадоа доволно за клубот од Милано, па сега и помалиот син на легендарниот дефанзивец ќе треба да ја брани честа на оваа династија, а многу веројатно за брзо време ќе добие прилика да го направи тоа.
Станува збор за Даниел Малдини, 17-годишниот талентиран фудбалер, кој за разлика од дедо му и татко му, не игра во одбрана, туку се пронајде на позицијата „10-ка“, па и токму тој број го носи на грбот во младинскиот тим на Милан. Даниел го сврте вниманието на јавноста изминатиов викенд, кога постигна мајсторски гол од слободен удар во победата над Палермо со 3-1, во Примавера младинската лига.
Од оваа сезона настапува за тимот до 19 години, иако е две години помлад, а претходно ги помина сите младински селекции на Милан. Италијанските медиуми сметаат дека нема уште долго да чека на повик во сениорите, особено што Гатузо од минатата есен повремено му дава шанса да тренира со првиот тим. За неговиот талент надалеку се зборува, а веќе неколку клубови од Серија А и Серија Б се интересираат за неговите услуги.
Но, како што стојат, работите тој ќе остане во Милан, додека управата наскоро ќе му понуди продолжување на договорот, кој му истекува во 2021 година. Татко му Паоло е спортски директор на клубот, па јасно е дека нема да дозволи неговиот син да игра за друга екипа ако има потенцијал и квалитет да ги брани боите на „росонерите“.
Династијата Малдини во Милан започна пред повеќе од 60 години и по бројни успеси со Чезаре и Паоло, редот дојде на Даниел да продолжи онаму каде што застана татко му. Се очекуваше постариот син на Паоло, Кристијан, да ја продолжи оваа династија со оглед дека и тој игра во одбрана, меѓутоа тој не ги поседуваше потребните квалитети и сега на 22 години игра во третата по квалитет италијанска лига.