29.8 C
Skopje
петок, 18 јули 2025

Диого Жота постхумно примeн во „Куќата на славните“ на Вулверхемптон

Португалската ѕвезда Диого Жота, кој трагично го загуби животот на 28-годишна возраст во сообраќајна несреќа во Шпанија заедно со својот брат Андре Силва на 3 јули, постхумно беше примен во „Куќата на славните“ на Вулверхемптон.

Португалецот ја започна својата англиска кариера токму на стадионот „Молину“ во Вест Мидлендс, каде што настапуваше во периодот од 2017 до 2020 година. За Волците одигра 131 натпревар и постигна 44 гола, оставајќи длабок белег и стекнувајќи го статусот на миленик меѓу навивачите.

Веста за неговото вклучување во „Куќата на славните“ беше потврдена од клубот.

„Ова признание е во чест на неговите извонредни достигнувања во дресот на Вулвс, но и за длабокото влијание што неговата смрт го остави во светот на фудбалот.“

Претседателот на Куќата на славните на Вулвс и потпретседател на клубот, Џон Ричардс, со тага изјави:


„Постои чувство на тага и неверување околу оваа страшна трагедија. Сакавме што поскоро да му оддадеме почит. Сè уште сме потресени од случувањата и со топлина се сеќаваме на прекрасниот фудбалер и човек Диого Жота.“

Клубот најави дека ќе го одбележи сеќавањето на Жота и со посебна церемонија на пријателскиот натпревар против Селта, како и во првото коло од новата сезона против Манчестер сити.

Во знак на длабока почит, Ливерпул, клубот со кој Жота ја освои титулата во Премиер лигата, го повлече дресот со број „20“ од употреба во сите селекции на клубот.

- Оглас -

Најнови вести