Директорот за млади категории на Пик Сегед во улога на тренер и предавач на кампот „40х20“ во Охрид

Продолжувајќи ја праксата за подигање на квалитетот на тренажниот процес, проширување и надградба на знаењето на учесниците, но и на тренерскиот кадар кој работи со младите ракометари во Република Македонија, организаторот на ракометниот камп „40х20“, агенцијата КМГ Груп Спорт, со огромна чест и задоволство го најавува учеството на директорот на млади категории во унгарскиот ракометен гигант Пик Сегед и тренер во националната ракометна Академија, Владан Јордовиќ во улога на тренер на третото издание на Ракометниот камп „40х20“ и предавач на еднодневниот бесплатен семинар, кој ќе се одржи за време на одржување на кампот, а е наменет за македонските тренери кои работат со млади категории на македонски ракометари.

На покана на мојот спортски пријател, Горан Ѓоргоноски, чија што работа ја следам и знам за каков професионалец се работи, ова лето ќе бидам дел тимот тренери на кампот „40х20″ во Охрид. Го следам развојот на истиот дигитално и знам за каков проект се работи. Ќе дадам се од себе оваа година кампот да биде уште поквалитетен, за што е планирано да работиме индивидуално со учесниците, да имаме групни тренинзи, но и да одржиме предавања за тренерите на кампот и за сите останати тренери кои се заинтересирани да слушнат и да дебатираат во однос на развој на ракометот кај младите категории. Се гледаме во прекрасниот Охрид,- рече во својата најава Владан Јордановиќ, директор за млади категории и на академијата на ракометниот гигант, Пик Сегед.
Еднодневниот бесплатен семинар, ќе се одржи за време на кампот во Охрид и истиот ќе опфаќа предавање на специјалниот гостин и тренер на кампот, г. Владан Јордовиќ, заеднички ручек и дружење на сите тренери на семинарот и попладневен практичен дел. Семинарот е предвидено да се одржи на ден 03.07.2024 година (среда) и е предвиден да биде реализиран во два дела:

·         Првиот дел од семинарот е теоретски и ќе се реализира во конгресната сала на Хотел „Аквалина“ од 12 часот. Тема на предавањето: Трендови и систем на работа во млади возрасни категории во склад со моменталните тенденции на развој на сениорскиот ракомет.

·         Вториот дел е практичен, индивидуален тренинг со одредена група на играчи по позиции, во насока на „исправување на недостатоци кај млад играч од технички аспект“ и истиот ќе се реализира во попладневните часови, на терените во комплексот на Хотел „Аквалина“ во Охрид.

Како врвен ракометен стручњак кој е задолжен за планирање и менаџирање, но и организација на тренинзите и натпреварите на младите категории кои припаѓаат на ракометната академија на еден од најбогатите и најдобрите европски ракометни колективи, Јордовиќ за време на одржување на кампот ќе одржи неколку групни и индивидулани тренинзи со различни возрасни групи на учесници на кампот, но планирано е и да реализира едно предавање и една панел дискусија на повеќе актуелни теми во сегментот на младинскиот ракомет.
 
„Огромна чест и задоволство ни претставува фактот дека врвен ракометен работник, кој долги години е на чело на ракометната академија на еден од најголемите европски ракометни клубови, Пик Сегед од Унгарија, со опис на работно место кој опфаќа менаџирање со буквално сите старосни категории на клубот, од школите за ракомет, преку младинските селекции и втората екипа на Пик Сегед, во текот на одржување на кампот ќе биде наш гостин, од што голем бенефит ќе имаат учесниците на кампот, тренерите, гостите на семинарот и ние како организација. Како организатори на кампот, покрај тоа што инвестираме на кампот да има и повеќе од доволно тренери, за работа со учесниците и подобрување на условите за работа, секоја година се обидуваме, од сопствен буџет, да донесеме едно значајно име во сегментот на младинските категории, како сегмент кој го сметаме за многу значаен за развој и продолжување на трендот, ракометот да биде спорт број еден во Македонија. Токму затоа, и оваа година, покрај тренерите од Македонија, селектирани според ракометен и човечки квалитет, на кампот ќе имаме и двајца тренери од странство, од кои Владан Јордовиќ ќе биде присутен постојано, во текот на целиот камп. Наскоро, организаторот на кампот, агенцијата КМГ Спорт, ќе испрати покани до сите тренери во Македонија, кои сакаат да бидат дел од еднодневниот семинар, кој ќе се одржи во комплексот на Хотел „Аквалина“ – Охрид“ – Горан Ѓоргоноски, од КМГ Спорт, организатор на ракометниот камп „40х20“.

Ракометниот камп „40х20“ со изменет концепт на работа, со назнака на индивидуален пристап кон секој учесник, како дел од проектот „Ракомет За Секое Дете“, за првпат се одржа во јуни 2021 година, а годинава од 30 Јуни до 05 Јули ќе го има третото издание на истиот, со 88 учесници од Македонија, Шпанија, Шведска, Србија и Турција. На кампот ќе работат 15 тренерски имиња од Македонија и странство, а како гости да се појават неколкумина македонски ракометни репрезентативци, кои треба своето искуство и знаење да го пренесат на младите ракометари/ки на кампот.

- Оглас -

Најнови вести