Адам Ханга не погоди тројка на една секунда до крајот, за голема радост на навивачите на Будуќност кои присуствуваа на уште една голема победа на својот тим во Евролигата.
Будуќност ја победи Барселона со 67:64 во трилер-меч со возбудлива завршница. На 6 секунди до крајот, Едвин Џексон погоди две слободни фрлања, а гостите од Шпанија не успеаја да организираат добар напад до крајот и загубија.
Во меч со малку кошеви, Александар Џикиќ се покажа како подобар тактичар од Светислав Пешиќ во битката на два одлични состави и на два одлични тренери.
Предводени од Ерл Кларк и Немања Гордиќ, домаќините најдоа чаре за фаворитот и ја прославија третата победа во Евролигата во 11 кола. Претходно, Морача беше предлабока и за уште еден поранешен европски првак, ЦСКА Москва, а Будуќност покажа дека има квалитет за настап во елитата.
Кларк и Гордиќ со по 12 поени беа најефикасни кај Будуќност, а Адам Ханга, кој утна тројка во послендите моменти, со ист учинок беше прв стрелец кај Барселона.
Будуќност со скор од 3-8 е на претпоследното место заедно со Макаби, а Барселона сега има биланс 6-5 и е на седмата позиција во конкуренција на 16 екипи во Евролигата.
Во останатите два меча што се завршени, Макаби и Жалгирис направија големи пресврти и ги победија Дарушафака, односно Олимпијакос.
Макаби на гости со одлична последна четвртина што ја доби со 22:9 ја победи Дарушафака со 73:71, а Жалгирис надополни минус 10 против Олимпијакос дома и славеше со 83:75.