Одбојкарската машка репрезентација на Македонија следната година во септември ќе биде учесник на Европското првенство, а мечевите нема да ги игра во Варна, како што првично беше објавено, туку во бугарската престолнина Софија.
Ова е добра вест за сите навивачи кои сакаат да им дадат поддршка на Спартанците бидејќи Софија е многу поблиску до Македонија отколку Варна.
Нашите одбојкари на ЕП ќе бидат во силна група со домашната Бугарија која е светски вице првак, потоа Полска, Украина, Португалија и Израел.
Управниот одбор на Бугарската федерација денеска реши наместо во Варна, да се игра во Софија.
„За време на состанокот беа разгледани голем број објективни фактори, вклучувајќи ја и можноста за поголема посетеност и обезбедување пристап за повеќе гледачи. Сребрените медали, инспирацијата што ја донесоа момчињата и возбудата кај илјадниците деца и навивачи од целата земја доведоа до нова потреба: да се обезбеди пристап на што е можно поголем број гледачи до натпреварите на националниот тим.
Салата „Арена Софија“ со капацитет од над 12.000 луѓе – ја нуди оваа можност и ќе им овозможи на уште повеќе семејства и поддржувачи да ја доживеат емоцијата во живо“, објавија раководните луѓе на бугарската одбојка.
Претседателот на Бугарската одбојкарска федерација, Љубомир Ганев, потврди дека одлуката е донесена единствено да им се даде можност на повеќе луѓе да ја поддржат бугарската репрезентација. За 5 натпревари во Софија, 62.500 гледачи ќе можат да ги гледаат натпреварите на Бугарија во живо само во групната фаза. Доколку ЕвроВолеј 2025 беше во Варна, максимум 25.000 ќе имаа можност да ги гледаат настапите на домашната селекција.