Докторите ја советуваа да ја заврши кариерата на 26 години, но таа не ги послуша: „Понекогаш не можам да станам од кревет“…

Одличната шпанска тенисерка Паула Бадоса, која не толку одамна беше второпласирана тенисерка во светот, откри дека докторите бараат од неа да ја заврши својата кариера на 26 години поради здравствени причини.

Паула Бадоса, пред да се здобие со сериозни повреди, беше втора тенисерка во светот и има освоено четири ВТА-титули. Меѓутоа, тешките повреди ја спречија во нејзината кариера, а во последната година и пол доживеа сериозна повреда на адукторот и фрактура на грбот.

Се обиде да настапи на Ролан Гарос по повредата на адукторот, но тогаш се соочи со уште поголем проблем поради фрактурата на грбот, поради што мораше да се откаже.

Сега Шпанката проговори за тоа колку овие тешки повреди ѝ станале проблем, објаснувајќи дека ѝ биле потребни секојдневни инјекции само за да може да мине низ рутините во животот.

„Докторите ми препорачуваат да не играм повеќе тенис бидејќи повеќе од една година бев надвор од терените. Ако не можам да играм на високо ниво, нема ни да се занимавам со тенис. Ми рекоа дека единственото решение е да престанам, но одбив да ги послушам“, изјави Бадоса во интервју за „Кадена СЕР“.

Не ги послуша советите на докторите и оваа година ѝ оди добро. Заедно со своето момче Стефанос Циципас остварува успеси на тениските терени, а сега, почнувајќи од почеток, повторно стигна до топ 30 тенисерки во светот, во моментот е на 27-мата позиција.

Најголемиот успех по серијата тешки повреди е освојувањето на ВТА-турнирот во Вашингтон. Покрај сè, признава дека сè уште секојдневно се соочува со тешки физички болки.

„Понекогаш не можам да станам од креветот, но не се откажувам“, истакна Паула Бадоса.

- Оглас -

Најнови вести