Голманот на Пари Сен Жермен, Џанлуиџи Донарума, откри дека мирот и слободата што им ги обезбедил тренерот Луис Енрике биле клучни во деновите пред историската победа на парискиот клуб во финалето на Лигата на шампионите. ПСЖ го совлада Интер со убедливи 5-0, освојувајќи ја титулата по доминантен настап на „Алијанц Арена“ во Минхен.
„Во овие солзи имаше многу емоции – беше тежока сезона, бевме на работ да испаднеме. Губевме со 0-2 против Манчестер сити на домашен терен, но тогаш започна нашата вистинска борба. Сега ќе уживаме во секоја секунда од оваа неверојатна сезона“, изјави Донарума за „Скај Спорт Италија“.
Иако стануваше збор за најважниот натпревар во сезоната, Донарума истакна дека тимот влегол смирено и со голема самодоверба.
„Не се чувствуваше како финале – толку бевме уверени и смирени. И толку лесно дојдовме до убедлив триумф. Се движевме одлично низ целиот терен и не остававме празен простор. Тоа многу ни помогна“, додаде првиот голман на францускиот шампион.
Победата во Минхен ја заокружи сезоната од соништата за ПСЖ, кој оваа година ги освои и Лига 1, Купот на Франција и конечно, најпосакуваниот трофеј – Лигата на шампионите.